Повредени пожарникари и голема материјална штета по пожарот во фабриката за вафли во Виница
Неколку пожарникари се повредени при гаснењето на пожарот што избувна вчера вечерта во фабрика за слатки и вафли во Виница. До доцна во ноќта противпожарни екипи учествувале во гаснењето на пожарот, а од утрото тој е ставен под контрола изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Опожарени се три линии означени како 6, 7 и 8 (од кои два магацини), сите имале сончеви панели на покривот. Спасени се линиите од 1 до 5. Пожарот е под целосна контрола. Во гаснењето учествуваа пожарникари од ТППЕ Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес, наведува Ангелов.
Анѓелов објаснува како неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните.
„При обидот да ги одглават стопалата чизмите им останале во стопениот шеќер и згазнале во стопената смеса, појаснува Ангелов.
Пожарот во фабриката за слатки производи и вафли во Виница избувна вчера вечер во 18:40 часот, во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката. На видео снимките објавени на социјалнтие мрежи можеше да се види силен оган и густ чад како се издига од фабриката „Макпрогрес“ позната по производите „Винчини“.
Стопанската комора на Северна Македонија најави дека ќе формира кризен штаб со сопственикот на фабриката со цел целосно нормализирање на состојбите, изразувајќи при тоа жалење за претрпената штета на компанијата, нивна членка.
„Вчеравечер околу 19:20 часот, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески беше известeн од сопственикот на Макпрогрес Виница, Глигор Цветанов, дека во фабриката има пожар. Веднаш беше алармирана Владата, премиерот, како и вицепремиерот и министер за транспорт, кои ги дадоа потребните наредби за спасување на целокупната фабрика, но и покрај интензивните активности, мора да се констатира дека три клучни погони се целосно уништетни, се наведува во соопштението.
Според комората овој настан ќе остави длабока трага врз работењето на нивната членка која вработува околу 500 работници.
Пожарот направи голема штетата на фирмата „Макпрогрес Винчини“, која е и најголемиот стопански објект во оваа мала општина. Основана е пред 35 години, работи во кондиторско-пекарската индустрија и 75% од производството го извезува и тоа во 45 држави.
