Депонијата Дрисла сѐ уште гори
Сѐ уште е активен пожарот на депонијата Дрисла, што избувна вчера во 15:15 часот.
„Во централниот дел на депонијата гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се чувствува и во пошироката околина“, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во гаснењето на пожарот интервенираат седум пожарникари со две противпожарни возила од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Од Центарот информираат дека пожарот не се шири и не претставува закана за околната шума, населба или населено место.
Депонијата Дрисла е лоцирана во југоисточниот дел од територијата на Град Скопје и е оддалечена 14 километри од центарот на градот. Се простира на површина од 76 хектари и во неа се врши третман на комунален отпад, градежен шут, индустриски и медицински отпад.
