Продолжува затрупувањето во Дрисла, чадот од депонијата е делумно намален
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов соопшти дека продолжуваат активностите за затрупување на делот од депонијата Дрисла од кој излегува чадење, кое според него е намалено, но, се уште присутно.
„Утрово со засилено темпо продолжи затрупувањето на делот од депонијата Дрисла од кој излегува чадењето а кој е со величина приближно колку фудбалско игралиште. Отворен оган не може да се забележи, чадењето е делумно намалено, но се уште присутно. Двата земјени пристапни патишта кои во текот на вчерашниот ден беа изработени како насип низ заезерената површина од отпадни води длабока околу 1,5 метри, значително го олеснуваат пристапот до критичното место“, информира Ангелов.
Според него, ангажирани се оптимален број на камиони, багери и булдожери и како што ќе се создаваат услови нивниот број ќе се зголемува.
На дивата депонија Вардариште, како што соопштува, нема горење ниту чадење, но и денес продолжува затрупувањето на критичниот канал во кој се одвиваше пожарот.
Голем број граѓани во главниот град се револтирани со состојбата со загадувањето на Скопје, особено по последниот пожар на депонијата Дрисла, сметајќи дека состојбата е крајно алармантна и ги повикаа надлежните институции да го решат проблемот.