Утре продолжува расправата за ребалансот на Буџетот
Во Собранието на Република Македонија денеска почна расправата за Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за годинава, во второ читање.
"Државата се уште ги исплаќа парите од фасадите и спомениците што ги градеше ВМРО-ДПМНЕ, ги враќа долговите од изминатите десет години. Точно, мала е реализацијата на капиталните трошоци, но ако сте чесни, кажете зошто е тоа така и кои се причините", реплицираа пратениците од СДСМ по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека актуелната власт со предлог-ребалансот на Буџетот драстично ги крати средствата за образованието и за здравството, а изминатите 12 месеци не остварила ништо од она што ветила.
"Ништо што ветивте, не остваривте. Кратите основни капитални проекти, пари што сами сте ги проектирале. Ние изградивме фасади и споменици, но оставивме и спортски сали и училишта и градинки. Продолжете и вие да градите, а не да кратите. Ги стопирате гасификацијата и изградбата на новиот клинички центар во Скопје, а намалени се и 60 милиони денари за загадувањето", рече Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ во попладневната собраниска расправа по ребалансот на Буџетот, откако претходно, во претпладневниот дел министерот за финансии Драган Тевдовски ги образложи проекциите.
На тоа реагираше министерот Тевдовски, напоменувајќи дека сите фискални параметри се одлични и остварувањето на приходите е според проекциите.
Пленарната расправа за Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот, во второ читање, согласно собранискиот Деловник, може да трае три дена