И вториот нацрт-амандман помина на Комисијата за уставни прашања
Со девет гласа „за“ и седум „против“ попладнево помина и вториот нацрт амандман за уставни измени во собраниската Комисија за уставни прашања.
Со вториот нацрт амандман за измена на Уставот во Преамбулата на највисокиот правен акт одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор.
На вториот ден од расправата ставовите на власта и опозицијата одеа во истите насоки, како и претходно. За опозицијата со вториот нацрт амандман се бришат најважните државотворни документи за македонскиот народ и се урива правно државниот континуитет на историјата на државата.
Власта останува на ставот дека предлогот е добар и прифатлив, со него не се урива историскиот континиуум на државата, напротив тој се задржува и со него се апсолвираат сите девет одлуки од АСНОМ.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во обраќањето пред членовите на собраниската комисија истакна оти е мошне важно за вакви прашања коишти се од највисок интерес за државата да постои отвореност и подготвеност за дијалог за работите да бидат изработени на најдобар можен начин.
На денешната седница беше отворена и расправата за третиот нацрт амандман. Меѓутоа расправата по него ќе продолжи утре во 11 часот.
Шефот на дипломатијата накусо го објасни третиот нацрт амандман, којшто се однесува на членот три од Уставот на Република Македонија.
"Врз основа на Договорот се утврдува меѓусебната постоечка граница меѓу Репбулика Македонија Република Грција како неповредлива меѓународна граница, при што се презема реципрочна обврска ниту една од двете држави да нема некакви претензии кон кој било дел од територијата на соседната држава, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебно постоечка граница. Двете држави исто така се обврзаа дека нема да поддржуваат претензии од трети страни во однос на неповредливоста на нивната заедничка граница", рече Димитров.