Ципрас - Денес е историски ден, Северна Македонија ќе биде земја пријател
„Следните генерации и во двете земји им должат благодарност на пратениците кои со храброст и смелост ги поставија темелите за иднина на мир, солидарноста и хармоничен соживот меѓу двата народи. Северна Македонија којашто се роди денес ќе биде земја пријател. Сојузник и поддржувач на Грција во нејзините напори за безбедност, стабилност и заеднички развој во регионот“, напиша грчкиот премиер.
Алексис Ципрас на почетокот од твитот напиша дека Грција денес заштитува значаен дел од нејзината историја, од културното наследство и античката грчка историја.
Грчкиот парламент денеска го ратификува Договорот од Преспа, според кој Македонија си го менува името во Северна Македонија, а за возврат Грција нема да го блокира нејзиното зачленување во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ.
