Заев му се јавил и му честитал на Ципрас
Во изјавата, Алексис Ципрас го повтори она што претходно го напиша на неговиот официјален Твитер профил дека денес е историски ден за Грција, бидејќи „се става крај на голем нерешен проблем што и тежеше на надворешната политика“, но е и историски ден и за Балканот.
Рече дека „денес се роди една нова земја на северната граница, Северна Македонија, која ќе биде земја пријател и сојузник на Грција“.
Ципрас им се обрати и на сите оние кои се противат на договорот велејќи дека многу брзо и самите ќе ги видат придобивките.
"Сакам да им се обратам на сите Гркинки и на сите Грци. Резултатот на денешното гласање нема победници и поразени. Особено, сакам да им се обратам на оние кои се уште имаат свои приговори, го почитуваме тоа, критикуваат, го почитуваме и тоа, да бидат сигурни дека многу брзо ќе ги видат големите придобивки од овој голем чекор напред", рече Ципрас, пренесе МИА.
Во изјавата за медиумите, грчкиот премиер им се заблагодари на сите пратеници што ја поддржаа ратификацијата, велејќи дека „следните генерации и двата народи ќе им бидат благодарни бидејќи денес ги ставаат темелите за иднина на мирен соживот, солидарност и соработка“.
