Македонците избегнуваат онлајн пазарување, но од интернет симнуваат филмови и музика
Истражувањето покажало дека секој десетти жител на Македонија поради страв од злоупотреба на интернет не користи интернет-банкарство и јавна ви-фи мрежа и не открива лични информации на социјални или професионални мрежи. Во Германија секој петти жител не користи интернет-банкарство, а еден од тројца жители на Холандија се плаши да користи јавна ви-фи мрежа.
Според истражувањето, Македонците најмногу, или 68 проценти, го користат интернет за социјални мрежи, додека просекот во ЕУ е 57 отсто. Околу 65 отсто од испитаниците рекле дека интернетот го користат за телефонирање или видеоразговори, а 45 проценти за добивање здравствени информации. Најмалку 15 отсто рекле дека го користат интернетот за онлајн банкарство, додека тој просекот во ЕУ е 59 проценти. Најмногу електронско банкарство или над 90 проценти користат граѓаните на Норвешка, Данска, Холандија и на Финска.
Секој четврти граѓанин во ЕУ избегнува откривање лични податоци на социјалните мрежи поради безбедност, покажува истражувањето на Еуростат.Околу 44 проценти од граѓаните во ЕУ на возраст меѓу 16 и 74 години рекле дека ги ограничиле своите приватни активности на интернет во последните 12 месеци поради загриженост за безбедноста.
Генерално стравот од злоупотреби при користење на информатичко-комуникациските технологии е поголем кај западните земји, додека жителите од регионот и Источна Европа се порелаксирани во однос на опасноста на Интернет.
Франција, Холандија и Шпанија најзагрижени, Бугарија, Хрватска и Полска најрелаксирани на интернет.
