Реафирмиран процесот на градење доверба меѓу Грција и Македонија
Разговорите меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и грчките власти беа насочени кон динамизирање на севкупните односи меѓу двете земји преку посветена имплементација на Договорот за стратешко партнерство (Преспа), со цел развивање и зајакнување на заедничкото стратешко партнерство, наведуваат од македонското Министерство за надворешни работи(МНР).
Османи во рамките на официјалната посета на Грција се сретна со претседателката Катерина Сакеларопулу, премиерот Кирјакос Мицотакис и со алтернативниот министер за европски прашања, Милтијадис Варвициотис.
„Само со заеднички напори можеме стратешко партнерство да го претвориме во долгорочно и стабилно пријателство, што како земји – соседи со сигурност ќе донесе подобар живот за граѓаните на двете земји. Во регионот добивме нова реалност, докажавме дека сите предизвици можат ефикасно да се решат преку заеднички и координирани напори. Оттука, јас цврсто верувам дека соработката меѓу Северна Македонија и Грција е дефинитивно нова интегративна моќ за целиот регион“, рече Османи.
Сакеларопулу - Османи: Грчка поддршка на патот кон Европската унија
На средбите бил нагласен и досегашниот активен ангажман на Грција во делот на европските интеграции на Северна Македонија, наведува МНР.
Од Кабинетот на грчкиот премиер соопштуваат дека на средбата се разговарало за билатералните односи, економската соработка, но и имплементацијата на Договорот од Преспа. Мицотакис не пропушти јасно да ја стави до знаење императивната потреба за целосно, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер.