Собраниската расправа за попис- власта вели попис ќе има, опозицијата бара најдобро решение
Пратениците попладнево ја продолжија расправата по Предлог-законот за попис. Повторно ги спротивставија ставовите околу методологијата за спроведување на оваа статистичка операција.
И додека владејачкото мнозинство се држи за ставот дека методологијата е подзаконски акт кој произлегува од законот, а попишувањето ќе го реализира Државниот завод за статистика, опозицијата уште еднаш побара повлекување на предложениот текст, без тоа да се сфати како пораз, туку, како што беше речено, како начин за изнаоѓање најдобро решение.
Власта го „форсира“ законот за попис, опозицијата ќе го „урива“ со петиција
Ова е втор ден од расправата која почна вчера, а Предлог-законот во Собранието го образложи заменик министерот за правда, Агим Нухиу.
Владејачката партија СДСМ преку соопштение наведува дека попис оваа година ќе има, дека тоа е патриотски чин важен за развој на државата, а, како што наведуваат, блокадите на ВМРО-ДПМНЕ пак ќе бидат поразени.
„Законот од Собраниска процедура нема да биде повлечен, ниту пак ќе поддржиме неразумни предлози за одлагање на пописот. По скоро 19 години без спроведен попис, никој нема право да го кочи или одолговлекува, тој мора да се одржи оваа, 2021 година“, соопштија СДСМ.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска на денешната собраниска седница рече дека Законот за попис на населението е со низа недоследности во кој не се вметнати регулативите и стандардите на Европската унија и Евростат. Таа вели дека истовремено се прави и злоупотреба на европското знаменце од страна на владејачкото мнозинство.