Османи: Бугарија не ги спори идентитетските атрибути, туку нивната историска основа
Нашите црвени линии во однос на јазикот, народот, етничката припадност, се јасни и бескомпромисни и драго ми е што Бугарија го искристализира својот став дека не ги спорат идентитетските атрибути, изјави за МИА македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, за време на денешната посета на Ликсембург.
„За да пристапите кон проблем треба добро да го дефинирате, постојат различни перцепции и кај нас и во Бугарија, и во ЕУ. Ние не разговараме за идентитетските атрибути, прашањето што го покрена Бугарија е историската основа на тие атрибути. Наш став е дека за историја може да разговараме во фунцкија на образованието и во коригирање стереотипи кои ги прикажуваат нашите народи како непријателски“, изјави Османи.
Конкретно, како што нагласи шефот на дипломатијата, тоа значи дека Северна Македонија е посветена кон имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година и на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Според него, тука треба да се работи на учебниците и „карактеризации од минатото“ кои ги повредуваат чувствата на бугарскиот сосед, како на пример употребата на епитетот „фашистички“.
Захариева до Заев: Принципиелно ли е воспитување со омраза кон соседот?
Бугарија лани во декември ја блокираше преговарачката рамка на ЕУ со Македонија со образложение дека Скопје не го реализира Договорот за добрососедство. Софија инсистира и на тоа во Македонија „да се расчисти“ за потеклото на Македонците, и обвинува дека „во Македонија се негува омраза кон соседите“.