Бектеши: Ќе преговараме со соседите за признавање на ПЦР тестовите и ковид пасошите
Од утре Македонија ќе почне со преговори со сите свои соседи за протокот на туристи за време на летната сезона и меѓусебното признавање на ковид-пасошите, информираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши и додаде дека „условите се исполнети за тоа со започнувањето на масовната имунизација денеска во Македонија“.
„Од утре сите институции ќе стапат во преговори со сите наши соседи за признавање на ПЦР-тестовите и тестовите за антитела. Што се однесува до мојот коментар за домашните туристи, стратегијата на Владата го обврзува Министерството за економија да го поттикнува и да се направат програми за негова поддршка. Заедно, со поддршка од Министерството за здравство и Министерството за надворешни работи, реков кога ќе започне имунизацијата, ние истовремено ќе ги започнеме преговорите за заемно признавање на ковид-пасошите“, рече министерот.
Од властите се очекуваат услови за подобра туристичка сезона
Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање - „Зошто ги одложувате разговорите со Грција, бидејќи видовме дека вакцинацијата не е единствен предуслов за влез во Грција, а српски граѓани ќе можат да влегуваат и со негативен ПЦР тест и со тест за антитела?“.
Сепак, нагласи Бектеши, прво Министерството за здравство треба да ги даде насоките, а потоа неговиот ресор ќе се надоврзе со потребните билатерални преговори за туристичката сезона.