Вчера вакцинирани повеќе од 9 илјади граѓани
Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено на сите пунктови низ државата и оти интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.
На вакциналните пунктови во државата, како што се наведува, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 74076 граѓани.
Вакцинацијата во Скопје се одвива без проблеми
Прва доза вакцина вчера примиле 7963 граѓани, а вкупно се вакцинирале 9123 граѓани. Во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 92253 граѓани. Со последните бројки, 25 насто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина. Вакцинацијата се спроведува согласно со Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат, стои во соопштението.