Кина ги осуди изјавите на министрите за надворешни работи на Г7
Кина остро го осуди соопштението на министрите за надворешни работи на групата од седум најразвиени западни земји - Г7, кои ја критикуваа нејзината политика во областа на човековите права и репресијата во Хонг Конг.
„Министрите од Г7 упатија неосновани обвинувања против Кина и грубо се вмешаа во нејзините внатрешни работи“, изјави вчера портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин.
Тој им порача на земјите од Г7 „да ги решаваат нивните проблеми“.
Г7 ги критикуваше Русија за Украина и Кина за кршење на човековите права
Министрите на седумте најразвиени западни земји на состанокот во Лондон ги критикуваа Кина и Русија, нарекувајќи ја Москва злонамерна, а Пекинг насилник, пренесува агенцијата Франс прес (АФП). Сепак, острите зборови не беа придружени со никакви конкретни потези освен со поддршка за Тајван и Украина.
Членките на Г7 се Велика Британија, САД, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија, а нивниот комбиниран бруто домашен производ е околу 40 трилиони долари - нешто помалку од половина од глобалната економија.