СОНК: Нема пари за прекувремена работа, нема свидетелства за учениците
Учениците нема да добијат свидетелства на крајот на училишната година доколку на наставниците не им се исплатат парите за прекувремена работа. Ова предупредување денеска го сопшти Синдикатот за образование кој најави дека ќе организира штрајк ако Министерството за образование, општините и училиштата не им платат на наставниците парите за прекувремена работа.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, го впери прстот кон инспекторaтот за труд кој досега не одговорил на нивното барање да се испита зошто не се исплатени средствата на наставниците во 50 училишта.
„Апелирам до сите училишта, до сите локални самоуправи и министерството за образование, нека најдат што побрзо решение за настанатиот проблем, во спротивно учебната година во голем дел на училишта нема да заврши. Тоа ќе значи дека 10 јуни нема да го дочекаме, се до исплаќање на овие средства нема да се изготвува педагошка документација, сведителства нема да се изготвуваат итн“ изјави Неделков.
Министерството за образование пак информираше дека тие го завршиле нивниот дел од работата, а проблемот поради кој што парите не стигаат до рацете на оние кои што сработиле се локалните самоуправи.
„За време на пандемијата наставниците работеа повеќе, односно бројот на часови за настава им беше зголемен бидејќи децата беа поделени во две групи. За жал, власта и институциите не го препознаа зголемениот обем на работа на наставниците и не исплатија додатоци. Од Министерството за образование велат дека им имаат префрлено средства за оваа намена на општините, но според нашите информации, оттаму велат дека нема пари. Впрочем, нас не нè интересира дали има пари или не, важно ни е да се почитуваат законите“ изјави Неделков.
Министерката за образование Мила Царовска ги повика градоначалниците и директорите на училиштата да им исплатат надоместок за прекувремена работа на наставниците.