Во Врање вакцинација на македонски државјани и без закажување
Во Врање е можна вакцинација за граѓаните на Северна Македонија без претходно закажување, а сè што треба да сторат е да донесат важечка лична карта – пасош или лична карта, јави РТС. Според српскиот јавен сервис, на вакцинирање во Врање доаѓаат лица од сите делови на Северна Македонија, а најмногу од Скопје и Куманово, како и цели семејства. Во спортската сала во Врање од утрово вакцинирани се 353 лица, од кои 274 се државјани на Северна Македонија.
„Денеска имавме голема група и тие беа претежно млади луѓе, кои веројатно во својата земја вакцината би ја примиле многу подоцна. Сите се многу задоволни, среќни и благодарни“, изјави д-р Љиjана Антиќ, директор на Здравствениот дом во Врање.
Околу 2500 македонски државјани влегле во Србија од полноќ до 11 часот
Таа додаде дека има доволно вакцини и дека ќе добијат доволен број вакцини за граѓаните од Северна Македонија на кои на располагање им се вакцините на „Синофарм“ и „Фајзер“.
Вчера РТС соопшти дека за време на викендот во Врање за вакцинација се пријавиле 753 македонски граѓани, кои ќе бидат вакцинирани со вакцината на Фајзер. До вчера во Врање се вакцинирани 1.105 граѓани на Република Северна Македонија, а двете дози ги имаат примено 836 лица. Досега околу 15 000 македонски државјани примија една доза вакцина во Србија, а соседната земја во неколку наврати и донираше на Македонија вакцини.