ЦУК информираше за пожарите - Кај Будинарци малку стивнал, силно гори во Прилепско
Под контрола е ставен пожарот кај село Нов Истевник, маало Пасјак во Делчевскиот регион, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Нивните податоци се заклучно до 9 часот утрово. Според ЦУК во овој момент најлошо е на место викано Света вода помеѓу селата Тработивиште и Разловци. До овој момент пожарот што е на подрачјето на општина Делчево е заобиколен и ставен под контрола.
Во регионот на Пехчево и Берово се уште е активен пожарот што избувна кај местото Бејазн Тепе, таму гори во селата Робово, Мачево, Будинарци. Алармантна е ситуацијата околу селата Будинарци и Мачево. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на својот Фејсбук профил информираше дека Будинарци е безбедно од пожарот. Тој пишува дека во текот на ноќта пожарот во близина на селото имал променливо темпо и сега е малку стивнат.
Тој пишува дека утрово интервенираат два македонски и два српски хеликоптери, а во текот на денот во гаснење на пожарот треба да се вклучи и големиот противпожарен романски авион.
„Во борбата против пожарот ќе бидат вклучени и голем број пожарникари од овој регион, како и пожарникарите од Словенија, Австрија и Бугарија. Покрај нив учествуваат и екипи на Национални шуми, припадници на Армијата и Полицијата, ДЗС, ЦУК и голем број на доброволци од локалното население. Голема благодарност до сите нив за покажаната пожртвуваност и храброст“, наведува Ангелов во објавата на Фејсбук.
Состојбата во атарот на селата Црник, Умлена и Чифлик, од попладневните часови е стабилна и на сите места има распоредено екипи за контролирање на опожарените површини.
Пожарот кај Пехчево може да се прошири и кон Бугарија
Во Велешки регион, пожарот кој што започна вчера во Богословец се уште не е изгаснат и е активен во атарот на село Кадрифаково. Има пожар во село Џидимирци за што се известени во Шумско стопанство Бабуна и истите ќе пратат екипи на терен.
Се уште е активен и пожарот од 1 август во месноста Погана, а посебно во делот непосредно пред ветерниците кај Богданци.
Во регионот на Радовиш има пожар во атарот на село Дамјан, но засега нема опасност по селото. Од ветерот пожарот се движи кон селата Дедино и Ињево.
Во општина Прилеп, пожарот во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица од 2 август е активен пожар со јак интензитет. Од село Ракле евакуирани се 2 неподвижни стари лица и префрлени во својот дом во Прилеп. Во селото се останати уште 5 лица. Во Прилепскиот регион со силен интензитет гори и на потегот од село Дрен до село Смолани. На истиот локалитет има и еден приземен пожар на местото Мањов Дол, каде гори нискостеблеста дабова шума. Градоначалникот на Прилеп побарал хеликоптер за гаснење на пожарите и помош од Армијата.
Во Гостивар над село Пожаране пожарот повторно се активирал.
Пожарот кај селата Раовиќ – Буковиќ – Ласкарци во Сарај е под контрола, т.е. гори само високото на сртот кон НП Јасен, каде веќе има екипи од НП Јасен кои доколку има потреба ќе интервенираат. Нема опасност по село Раовиќ и по останатните населени места, информираат од ЦУК.