Во гаснењето на пожарите во Албанија се вклучија хеликоптери од Холандија и Чешка
![Во гаснењето на пожарите во Албанија се вклучија хеликоптери од Холандија и Чешка](https://gdb.rferl.org/a8ec3623-bc06-452b-ac93-37b596babb11_w800_h450.jpg)
Во гаснењето на пожарите кои беснеат во многу области низ Албанија од денеска вклучени се хеликоптери од Холандија и Чешка, информира Министерството за одбрана.
„Од претпладнето во гаснењето на пожарите вклучени се и три хеликоптери од Холандија и Чешка и тоа во гаснење на реактивираното огниште на планината Дукат и на пожарот во селото Ѓорос во Фиер. Активни се повеќе пожари, дел од нив реактивирани, но ситуацијата е под контрола“, се наведува во соопштението на Министерството.
Исто така, се наведува дека со хеликоптерите пристигнале и над 50 припадници на армиите на овие земји обучени за цивилни непогоди, кои се придружија на стотиците албански војници кои со денови се вклучени во гаснење на пожарите.
Моментно, според Министерството, иако е ставен под контрола, состојбата е најкритична на островот Карабрун, каде пожарот е активен со денови, а од синоќа и пожарот во близина на тунелот Калимаш.
Во изминатите две недели изгаснати се околу 140 пожари, а денеска активни се петнаесетина. Поради сомнеж дека предизвикале пожари, кривични пријави се поднесени против 11 лица.