Во Косово утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори
Утре во Косово граѓаните ќе гласаат на вториот круг од изборите за градоначалници. Избори ќе се одржат во 21 од 38 општини.
Косово - Самоопределување засега без градоначалник
Изборите се сметаат за клучен тест за владејачката партија Самоопределување и за премиерот Албин Курти. Партијата на Курти победи на парламентарните избори во март освојувајќи повеќе од половина од сите гласови, но само 10 месеци подоцна, на локалните избори Самоопределување не успеа да освои ниту едно градоначалничко место во првиот круг на изборите, кој се одржа на 17 октомври.
Курти повеќепати заговараше албански национализам, поголем „реципроцитет“ во односите со соседна Србија и поитен пристап кон напорите на Приштина да се приклучи кон меѓународните институции.
Во пресрет на утрешното гласање, Курти призна дека „активизмот и мобилизацијата“ на неговата партија за локалните избори продолжува да заостанува зад привлечноста на партијата на национално ниво, поттикнувана од косовската дијаспора.
Во вториот круг од изборите Самоопределување ќе се натрпеварува во 12 општини.
Во првиот круг беа избрани 17 градоначалници. Српската листа, која е блиска до српското раководство во Белград, победи на девет од 10 трки за градоначалници со мнозинство Срби во северниот дел на Косово, додека Демократската партија на Косово победи во четири, Алијансата за иднината на Косово во две, како и Демократската лига на Косово.