Талибанскиот премиер на Авганистан го одржа своето прво обраќање до нацијата
Талибанскиот премиер на Авганистан го одржа својот прв јавен говор, откако исламистичката група ја презеде власта пред повеќе од три месеци, велејќи дека владата сака добри односи со другите земји и дека ќе ги реши економските проблеми.
Мула Мохамед Хасан Ахунд, кој е ко-основач на талибанците, во аудио обраќање на 27 ноември емитувано на државната телевизија, опфати низа прашања во обраќањето до нацијата.
„Ги уверуваме сите земји дека нема да се мешаме во нивните внатрешни работи и сакаме да имаме добри економски односи со нив“, рече Ахунд во 30-минутниот говор.
Талибанците ја презедоа власта откако го зазедоа Кабул во средината на август, додека меѓународните сили предводени од САД се повлекоа од земјата по 20-годишна војна.
Претставници на ЕУ и Централна Азија разговараат за Авганистан
Но, откако ја соборија претходната влада, талибанците се мачеа да го претворат герилското движење во функционална администрација.
Земјата беше во голема финансиска криза со зголемена инфлација, невработеност и намалена вредност на валутата.
„Ги замолуваме сите меѓународни добротворни организации да не ја повлекуваат својата помош и да ѝ помогнат на нашата исцрпена нација, за да може да се решат проблемите на луѓето“, додаде Ахунд.
Талибанскиот премиер изјави дека економската криза во земјата ќе биде решена доколку САД ослободат околу 10 милијарди долари од резервите на централната банка на Авганистан.
Тој додаде дека Авганистанците не треба да веруваат дека талибанците се виновни за проблемите во земјата, за кои тврди дека се резултат на претходната корумпирана влада.