Косовската влада нуди парична награда за информации во врска со тројното убиство
Косовската влада предводена од премиерот Албин Курти нуди награда од 20.000 евра за информација во врска со пукањето во автобусот кај Дечани, во кое загинаа три лица.
Престрелката се случи вечерта на 26 ноември во местото Глоѓани, во општина Дечани, на околу 100 километри од Приштина. Засега не е познат мотивот за нападот. Во престрелката загина возачот на автобусот и двајца ученици.
Едно лице е повредено, но е надвор од животна опасност. Косовската полиција соопшти дека постои сомневање оти кон автобусот било пукано од огнено оружје АК-47.
„Апелираме до граѓаните кои имаат какви било сознанија за убиството во Глоѓани да ѝ дадат информации на полицијата за да се открие сторителот или сторителите на овој чин“, се вели во соопштението.
Полицијата трага по осомничени за тројното убиство во Косово
Во него се додава дека секој граѓанин кој може да придонесе со информации за расветлување на овој случај, ќе биде награден со 20.000 евра.
На сите граѓани кои ќе се обратат во полиција им се гарантира безбедност и заштита.
Косовскиот премиер Албин Курти повтори дека полицијата со сите свои капацитети го истражува тројното убиство.
Според него, полицијата работи на прибирање и анализа на сите релевантни факти и докази со цел што поскоро да се реши овој случај и да се изведе сторителот пред лицето на правдата.