Земјотрес од 7,5 степени го затресе Перу
![Земјотрес од 7,5 степени го затресе Перу](https://gdb.rferl.org/8C63696A-F53E-4D29-90E6-13D121C8D873_w800_h450.jpg)
Американскиот геолошки институт (УСГС) соопшти дека денеска бил регистриран силен земјотрес во северниот дел на Перу, со јачина од 7,5 степени според прелиминарните податоци.
Земјотресот е почувствуван во 5:52 часот утринава, односно во 11:52 по средноевропско време.
Епицентарот на земјотресот бил на 42 километри северозападно од крајбрежниот град Баранка на длабочина од 112 километри, што се смета за земјотрес со „средна длабочина“, соопшти УСГС.
„Тие обично предизвикуваат помала штета на површината на земјата над нивните жаришта, отколку што е случајот со плитки земјотреси со слична магнитуда, но големи земјотреси на средна длабочина може да се почувствуваат на голема оддалеченост од нивните епицентри“, наведува УСГС.
Мај 2019: земјотрес од 8 степени по Рихтер го погоди Перу
Американскиот институт наведува и дека големите земјотреси на средна длабочина се доста чести во овој дел од светот. Земјотрес со јачина од 7,5 степени се случи на 26 септември 2005 година на слична длабочина, но на приближно 140 километри јужно од епицентарот на денешниот земјотрес. Тогаш загинаа пет лица, а 70 беа повредени.
Кон крајот на мај 2019 година, тлото се затресе на околу 230 километри југоисточно од градот Баранка, кога беше забележан последниот земјотрес, а тогаш загинаа две лица, потсетува УСГС.