Светските лидери бараат прекин на борбите меѓу Ерменија и Азербејџан
Светските лидери повикаа на итен прекин на непријателствата меѓу Ерменија и Азербејџан, откако речиси 100 војници беа убиени во најсмртоносните судири меѓу двата кавкаски соседа од крајот на војната во 2020 година за отцепениот регион Нагорно-Карабах. Министерството за одбрана на Азербејџан на 13 септември соопшти дека загубило 50 војници во судирите, додека Ерменија соопшти дека најмалку 49 нејзини војници биле убиени во последното разгорување на насилството во регионот, што ги натера САД, Русија и Обединетите нации да ги повикаат двете страни да ги прекинат борбите. Меѓутоа, рано денеска, Министерството за одбрана на Ерменија го обвини Азербејџан дека го продолжил гранатирањето.
Жестоки судири меѓу Азербејџан и Ерменија, САД апелира за прекин на нападите
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика двете страни итно да ги деескалираат тензиите, повикувајќи „да покажат максимална воздржаност и да ги решат сите отворени прашања преку дијалог и во постојните формати“, изјави портпаролот Стефан Дужарик. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски разговараше со ерменскиот премиер Никол Пашинијан и со претседателот на Азербејџан Илхам Алиев. Неговиот портпарол Нед Прајс рече дека Вашингтон „ќе изврши притисок за итен прекин на борбите и мировно решение“ меѓу соседите додека Филип Рикер, американски дипломат ветеран кој неодамна беше задолжен за започнување на преговорите за Кавказ, беше во главниот град на Азербејџан Баку вчера во претходно закажана посета. Блинкен рече дека им кажал на Алиев и Пашинијан дека конфликтот не е „во ничиј интерес“ и „ги повика да направат се што е можно за да се вратат на разговорите за траен мир“.
ЕУ ќе посредува во разговорите меѓу Ерменија и Азербејџан
Кабинетот на претседателот Емануел Макрон соопшти дека Франција ќе го покрене прашањето за судирите во Советот за безбедност на ОН. Кремљ пак, наведе дека рускиот претседател Владимир Путин прави се што може за да помогне во деескалирањето на непријателствата. „Претседателот прави максимални напори да придонесе за деескалација на тензиите на границата. Овие напори продолжуваат“, рече портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на брифингот со новинарите.