Нејмар на суд во Барселона
Бразилскиот фудбалер Нејмар денеска пристигна во судот во Барселона, каде што ќе треба да одговори на прашањата за наводната злоупотреба при неговиот трансфер од Сантос во Барселона во 2013 година. Франс прес објави дека 30-годишниот напаѓач на Пари Сен Жермен бил придружуван од неговите родители, кои исто така се гонети во овој случај. Обвинителството побара двегодишна затворска казна за Нејмар и парична казна од 10 милиони евра за корупција. Покрај Нејмар и неговите родители, обвинети се и двајцата поранешни претседатели на Барселона, Сандро Росел и Жосеп Марија Бартомеу, како и поранешниот претседател на Сантос, Одилио Родригез Фиљо.
Повеќе од 17 милиони барања за билети за Светското првенство во фудбал
Судењето на Нејмар започнува еден месец пред почетокот на Светското првенство во Катар, а треба да трае до 31 октомври. Бразилската инвестициска компанија ДИС, тогаш носител на 40 проценти од правата на играчот, го изведе случајот на суд во 2015 година. Таа компанија смета дека е оштетена при трансферот на напаѓачот, бидејќи Барселона првично ја пресметала неговата цена на 57,1 милиони евра (40 милиони за Нејмар и неговото семејство и 17,1 за Сантос), а шпанското правосудство проценува дека зделката всушност чинела најмалку 83 милиони евра. Компанијата бара 35 милиони, за кои верува дека ги загубила во тој случај. Од своја страна, адвокатите на Нејмар тврдат дека нивниот клиент не сторил никакво кривично дело, а 40-те милиони евра што ги добил одговараат, според нив, на „легалниот и вообичаен трансфер бонус на фудбалскиот пазар“. Во 2017 година, Нејмар премина од Барселона во Пари Сен Жермен.