ОН загрижени за смртните случаи на протестите во Иран
Обединетите нации изразија „зголемена загриженост“ за извештаите за смртни случаи на протестите во Иран.
„Ги осудуваме сите инциденти кои резултираа со смрт или сериозни повреди на демонстрантите и повторуваме дека безбедносните сили мора да избегнуваат секаква непотребна или непропорционална употреба на сила против мирните демонстранти“, рече портпаролот на ОН, Стефан Дујарик.
Тој побара одговорност, додавајќи дека ОН го повикуваат Техеран „да одговори на легитимните поплаки на населението, вклучително и во однос на правата на жените“.
Обединетите нации ја повикаа иранската влада во Техеран да ги почитува човековите права, истакнувајќи дека кризата може и треба да се стави под контрола преку дијалог.
Во посебна изјава, шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус, исто така, изрази загриженост за „зголемените жртви и повреди“ на демонстрантите во Иран.
„Од суштинско значење е да им се обезбеди неограничен пристап до здравствена заштита на оние на кои им е потребна, (вклучувајќи) соодветна употреба на медицински возила, капацитети и способност на здравствените работници да им помагаат на пациентите“, наведе шефот на СЗО, Тедрос на Твитер.
Полицијата и демонстрантите се судрија на протести во Иран
Немирите низ Иран беа предизвикани од смртта на 22-годишната жена Махса Амини, приведена од полицијата за морал во Техеран. Од смртта на Амини, протести се одржуваат низ целата земја.
Демонстрантите повторно се судрија со безбедносните сили на 28 октомври во Захедан, град во југоисточниот дел на Иран, каде што десетици луѓе беа убиени во судирите пред четири недели за време на антивладините протести.