Српските и косовските власти реагираат на изјавата на Борел
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска свика седница на Советот за национална безбедност. Во меѓувреме, премиерката на Србија Ана Брнабиќ реагираше на изјавата високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, дека групите на косовски Срби мора веднаш да ги отстранат барикадите.
„Тие се таму не само затоа што им се загрозени основните човекови права, туку и за да го заштитат Бриселскиот договор што го потпишавте и чија имплементација треба да биде гарантирана од ЕУ“, напиша Брнабиќ на Твитер.
Според неа, барикадите се повик за акција на меѓународната заедница да почне да си ја врши работата.
„Интересно е што не се толку гласни за незаконитоста на апсењето Срби, на пример на Дејан Пантиќ, кој вчера беше уапсен без никакви докази, или кога косовската полиција го прекрши Бриселскиот договор со влегување во општини со мнозинско српско население на север, вооружени со долги цевки“, напиша таа.
И косовската министерка за надворешни равоти Доника Гевала реагираше на изјавата на Борел но во контекст на осудата која тој ја испрати само за нападот со шок бомба кон патролата на ЕУРОЛЕКС. Таа побара од Борел да го осуди пукањето кон косовската полиција, која, како што наведе, „ги исполнувала своите должност и заштита на сите граѓани на Косово од напади на криминална група.“
„Изјавите кои не го осудуваат [Александар] Вучиќ за отворена агресија поттикнуваат понатамошна ескалација“, напиша таа на Твитер.
Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел повика на отстранување на барикадите и деескалација. „ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС Косово или употреба на насилни, криминални дејствија на север“, напиша шефот на европската дипломатија на Твитер.
„Групите на косовските Срби мора веднаш да ги отстранат барикадите. Мора да се врати мирот. ЕУЛЕКС ќе продолжи да се координира со косовските власти и КФОР. Сите актери мора да избегнат ескалација“, напиша Борел во неделата, 11 декември.
Во текот на ноќта косовската полиција соопшти дека во три наврати од различни локации од демонстрантите било пукано кон полицајците. Дополнителни и Мисијата на ЕУЛЕКС соопшти дека врз нивно патролно возило била фрлена шок бомба. Барикадите со неколку камиони на северот на Косово продолжија и денеска. Осуда за инцидентите пристигна од ЕУ и САД.
Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.