Фатена група која продавала археолошки предмети
МВР денеска соопшти дека е сузбиена организирана криминална група инволвирана во вршење на кривични дела против културното наследство и природните реткости. Единаесет лица се лишени од слобода, а по едно се трага. За седуммина од осомничените предложена е мерка притвор. Групата, според полицијата, подолг временски период делувала на подрачјата и околината на Прилеп, Струмица, Пробиштип, Неготино, Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Кочани.
„Вчера со судски наредби извршени се претреси на вкупно 27 локации кај 23 лица, при што пронајдени и привремено се одземени разни археолошки предмети, монети, метални предмети, фигури, метал детектори и опрема за метал детектори, скици, оружје, муниција, дрога, ваги и природни реткости, по што 11 лица се лишени од слобода, а по едно се трага“, известуваат од МВР.
Од Јавното обвинителство известуваат дека пронајдените археолошки предмети, иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикривале во нивите домови или на непознати локации. Откако ќе пронашле заинтересирани купувачи од земјата и странство предметите ги продавале, односно посредувале при продажба со непознати припадници на групата по потекло од соседните земји и САД.
Овие непознати лица, според обвинителството, биле купувачи или посредници во име на заинтересирани купувачи на добра со археолошко односно историско значење и добрата ги нуделе и ги продавале за договорен износ што прво и второосомничениот го определувале. По постигнување на договор околу цената, прво и второосомничениот дозволувале доброто неовластено да се продаде и без дозвола од надлежен орган да се изнесе надвор од границите на Р.С. Македонија.