Заменик-советникот за национална безбедност на САД разговараше со Курти и Вучиќ
Помошникот за национална безбедност на американскиот претседател Џон Финер ја изрази својата „загриженост“ за тензиите на северот на Косово на овонеделните разговори со премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави Белата куќа, а пренесе Ројтерс.
„Главниот заменик-советник за национална безбедност Џон Финер разговараше со премиерот на Косово Курти и ја изрази загриженоста на Соединетите Држави за тензичната ситуација на северот на Косово“, соопшти Белата куќа.
Финер ги повика сите страни да преземат чекори во насока на деескалација на ситуацијата, се наведува понатаму во соопштението.
„Тој ја повика Владата на Косово да им дозволи на новоизбраните градоначалници да ги извршуваат своите должности од алтернативни локации и да ги повлече полициските сили од општинските згради“, соопшти Белата куќа.
Финер ја поздрави и „подготвеноста на премиерот Курти да работи на создавање услови за нови избори“.
Покрај Курти, првиот заменик советник за национална безбедност, Џон Финер, разговарал и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Тој ја повика Владата на Србија да ги повлече своите вооружени сили стационирани во близина на границата и да ја намали состојбата на подготвеност, како и да ги повика демонстрантите да останат смирени на северот на Косово“, се вели во соопштението.
Дополнително, беше повторено дека САД очекуваат двете страни повторно да се приклучат на дијалогот со посредство на Европската унија и целосно да го применат договорот за нормализација постигнат во Брисел и Охрид на почетокот на годинава.
Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог Мирослав Лајчак и американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар следната недела ќе ги посетат Приштина и Белград.
Нивната посета доаѓа во време на тензии во северно Косово, каде групи локални Срби во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток веќе една недела протестираат поради новоизбраните албански градоначалници.
Тие беа избрани во април, на вонредни избори, кои Србите ги бојкотираа и чии резултати не ги признаваат.