Повеќе од 100 000 евакуирани поради циклонот во Индија и Пакистан
Повеќе од 100 000 луѓе се евакуирани од патеката на моќниот циклон кој се движи кон Индија и Пакистан, а синоптичарите во средата предупредија дека може да уништи домови и да урне далноводи.
Бипарџој, што на бенгалски значи „катастрофа“, се движи преку Арапското Море и се очекува да се спушти на копно како „многу силна циклонска бура“ во четврток навечер, соопштија владините метеоролошки институти, а пренесе АФП.
Се предвидува силни ветрови, бури и обилни дождови да го погодат крајбрежјето од 325 километри меѓу Мандви во индиската држава Гуџарат и Карачи во Пакистан.
Индиската метеоролошка служба предвиде дека невремето ќе го погоди индиското пристаниште Јахау доцна во четвртокот, предупредувајќи на „тотално уништување“ на традиционалните домови покриени со кал и слама.
Беше објавено дека ветровите во морето веќе дуваат со брзина до 180 километри на час.
„Над 47 000 луѓе се евакуирани од крајбрежните и ниските области во засолништа“, рече Ц. Пател, службеникот задолжен за операциите за помош во Гуџарат.