Тројца Палестинци се убиени, најмалку 29 се ранети во рација на Западниот Брег
Израелски војници убиле тројца Палестинци, меѓу кои и малолетник, а раниле најмалку 29 лица во голем вооружен судир на улиците на градот Џенин, на Западниот Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство, пренесува Асошиетед прес.
Во борбите биле користени и израелски напаѓачки хеликоптери. Ова е последната во серијата речиси секојдневни ескалации на насилството што го потресоа Западниот Брег во текот на изминатата година. Од почетокот на оваа година на Западниот Брег се убиени околу 120 Палестинци.
Палестинското Министерство ги идентификуваше убиените, меѓу кои и петнаесетгодишно момче, и соопшти дека најмалку шестмина се ранети во тешка состојба.
Израелските медиуми објавија дека неколку израелски војници биле ранети во судирот и дека војниците биле под оган за време на рацијата во Џенин, исто така и дека возвратиле на вооружените палестински напаѓачи.
Градот Џенин е упориште на палестинските екстремисти.
Израелската војска речиси секоја ноќ влегува на Западниот Брег за да апси осомничени екстремисти како одговор на бранот насилство на почетокот на минатата година.
Во исто време, се интензивираа палестинските напади врз Израелците.
Израел тврди дека повеќето од убиените биле екстремисти, но загинале и млади мажи кои протестирале поради рациите и други кои не биле вклучени во насилството.
Најмалку 20 луѓе се убиени во палестинските напади врз Израелците оваа година.