Ковачевски: Кандидатот за претседател ќе биде од редовите на СДСМ
Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека на вечерашната седница на Извршниот одбор на партијата ќе биде потврдена одлуката координаторот на пратеничката група Јован Митрески да биде претседател на Собранието, откако Талат Џафери беше предложен од ДУИ да биде технички премиер.
„Ќе се разговара за претседател на Собранието со оглед дека сегашниот претседател на Собранието е предложен за претседател на техничката Влада, и нормално дека организацискиот и генералниот секретар ќе поднесат извештај за сите оперативни активности што се направени во текот на минатата недела, после последниот Извршен одбор што го имавме“, изјави вечерва Ковачевски пред состанокот.
На вечерашнава седница нема да биде на дневен ред претседателскиот кандидат на СДСМ. Ковачевски рече дека на минатата седница е донесена одлука за почнување на постапка и процедура за избор на претседателски кандидат на партијата.
За тоа дали би поддржале претседателски кандидат на ДУИ, од каде вчера соопштија дека тоа им е следна цел, Ковачевски посочи дека претседателскиот кандидат ќе биде од редовите на СДСМ.
„Сите политички партии имаат свои амбиции, но претседателски кандидат ќе биде од редовите на СДСМ како што беше и на минатите избори и ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци и така натаму, и тоа ќе биде претседателот на државата и во следниот мандат“, рече Ковачевски.
Претходно, одлуката на ДУИ, Џафери да биде премиер во техничката влада ја соопшти партискиот портпарол Бујар Османи по одржаниот состанок на Претседателството на интегративците попладнето на 8 декември.
Актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери се заблагодари на номинацијата од ДУИ да биде премиер на техничката влада сто дена пред парламентарните избори што треба да се одржат следната година.
Одлуката за Џафери да биде технички премиер наиде на поделени ставови меѓу политичките партии.