Филков: Правиме напори пет од реформските законски побрзо да влезат во собраниска процедура
За пет од осум закони од првиот пакет закони од Реформската агенда со рок до јуни, 2025 година Министерството за правда прави напори најдоцна до 23. месецов да влезат во собраниска процедура, вели министерот за правда Игор Филков на почетокот на денешниот брифинг со медиуми.
Тој уверува дека најголемиот дел од законите се доставени и се во владина постапка.
За три од законите од Реформската агенда е потребно Бадентерово мнозинство.
Филков рече дека ова е работа за која сите треба да бидат свесни и да не практицираат дневна политика на грбот на граѓаните. Тој истакна дека Министерство за правда ги има изработено законите.
„Во пакетот осум закони со рок за носење до јуни годинава, четири се доставени до Влада и се во скратена постапка. Тоа се Закон за платите на судиите, Закон за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Судскиот совет и Законот за платите на членовите на Советот на ЈО“, информираше Филков.
Законот за Судски совет е подготвен и доставен на на мислење на Венецијанската комисија и објавен на ЕНЕР (Единствен национален регистар на прописи). Законот за судска служба е доставен во владина процедура и се врши усогласување на текстот со мислењата на релевантните институции.
Финалниот текст на Законот за јавнообвинителска служба е подготвен од Работната група и во тек се подготвки за објавување на ЕНЕР. Текстот на Изборниот законик е подготвен од стручните служби во Министерството за правда во согласност со препораките на ОДИХР.
Од законите со рок до декември 2025 година, текстот за Законот за кривична постапка е подготвен од страна на работната група.
Други закони на кои работи Министерството е и Законот за судови, кој се носи со 2/3 мнозинство, и за кој е формирана работна група која работи на законско решение. Законот за прекршоци, како дел од проектот "Безбеден град", е објавен на ЕНЕР и во тек е усогласување на текстот, Законот за пробација е подготвен и е во финална фаза пред објава на ЕНЕР, а подготвен е и текстот на Законот за помилување, информираше министерот Филков.
Инаку спроведувањето на Реформската агенда од Планот за раст треба да резултира со опипливи придобивки за граѓаните, забрзување на интеграцијата на земјата во ЕУ и дополнителни ресурси во буџетот на земјата за поддршка на потребните реформи.