Муцунски: 28 македонски државјани се пријавиле за евакуација од Израел
Вкупно 28 македонски државјани побарале поддршка за евакуација од Израел - соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на прес конференција попладнево.
Тој истакна дека најдоцна до утрешниот ден, осум наши државјани, од кои четири деца, ќе заминат во Египет и со авион на Владата, придружени од безбедносен конвој ќе пристигнат во Скопје.
„Веднаш по добиените информации за ескалацијата на состојбата на Блискиот исток, Министерството, преку нашата амбасада во Израел отпочна активности за евакуација на наши граѓани. Истовремено нашата Амбасада во Тел Авив од самиот почеток на кризата е во редовна и непосредна комуникација со сите наши граѓани“, рече Муцунски.
Тој посочи и дека е формиран кризен штаб за безбедно извлекување на овие граѓани.
„Согласно најновите информации, 28 државјани побарале поддршка за евакуација. Очекуваме осум наши државјани до крајот на денов или најдоцна утре да се префрлат на безбедна територија. Ќе се организира и безбеден конвој за транспорт кон Египет“, истакна Муцунски на прес конференцијата денеска (16 јуни).
Според него, втората група се очекува да го напушти Израел веднаш по воспоставување редовен авионски сообраќај од Тел Авив.
„Во моментот е затворен аеродромот во Тел Авив и генерално е затворен воздушниот простор во Израел – истакна Муцунски појаснувајќи дека единствената опција која во моментот ја имаат надлежните, е македонските државјани прво по копнен пат да бидат пренесени во трети земји.
„Опциите коишто ги разгледувавме се Египет и Јордан. Египет ни се виде како најбрза опција во моментот следејќи ја целокупната состојба во регионот. Се работи за четири возрасни лица и четири деца коишто ќе можеме согласно условите на владиниот авион, со еден лет да ги донесеме во Скопје. Значи нема да треба во овој случај два пати да прелетуваат“, истакна министерот.
Тој нагласи дека остатокот од граѓаните кои побарале да бидат вратени во државата, побарале тоа да не се врши преку трети земји.
„Бараат превозот да се изврши директно од Израел. Тоа во моментот ниту ние, ниту било која држава не може да го овозможи. Во прва прилика кога ќе се отвори воздушниот простор на Израел ќе бараме начин како да ги вратиме во државата“, истакна Муцунски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој изјави и дека на територијата на Израел, се наоѓаат околу 100 македонски државјани.
Евакуација на македонски граѓани од Израел со владиниот авион
И премиерот Христијан Мицкоски, претходно изјави дека владиниот авион ќе биде ангажиран во евакуацијата на неколку македонски граѓани во Израел.
„Секојдевно сум во комуникација со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски и се прави план за евакуација на заробени македонски граѓани. Ќе биде ангажиран и владиниот авион да бидат пренесени во некоја од соседните земји, најверојатно во Египет. Во моментов се девет граѓани, и очекувам до утре да заврши евакуацијата“, рече Мицкоски.
МНР вчера апелираше поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, сите државјани на Северна Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.
Воедно, оттаму апелираа до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
Изминатите денови, Израел и Иран разменуваат меѓусебни напади со дронови и ракети.
Тие започнаа со воздушен напад од израелска страна врз иранските нуклеарни и ракетни постројки на 13 јуни, како и со напади врз генерали и неколку нуклеарни научници.
Двете земји досега продолжија со меѓусебни воздушни напади кои, според информациите кои се достапни, досега зедоа десетици жртви.