Над 600 странци избегале од Иран во Азербејџан
Повеќе од 600 странски државјани преминале од Иран во соседен Азербејџан откако Израел започна со напади врз земјата минатиот петок, изјави за АФП, владин претставник во Баку.
„Од почетокот на воената ескалација меѓу Израел и Иран, повеќе од 600 граѓани од 17 земји се евакуирани од Иран преку Азербејџан“.
Евакуираните, кои ја преминале границата преку контролниот пункт Астара на брегот на Каспиското Море, се транспортираат до аеродромот во Баку и „се превезуваат во нивните матични земји со меѓународни летови“, рече изворот.
Меѓу евакуираните има граѓани на Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, како и Германија, Шпанија, Италија, Србија, Романија, Португалија, САД, Обединетите Арапски Емирати, Кина и Виетнам.
Азербејџан ги затвори своите копнени граници во 2020 година поради пандемијата Ковид-19 и оттогаш ги држи затворени.
„Со оглед на потребата од евакуација, Азербејџан привремено ја отвори својата граница за оние што го напуштаат Иран“, рече функционерот.
Министерството за надворешни работи на Полска соопшти дека ќе евакуира дел од персоналот на својата амбасада во Техеран преку Баку.
„Одлучивме да евакуираме или да го поддржиме заминувањето на персоналот кој не треба да остане во земјата, таканаречениот персонал кој не е неопходен“, изјави за новинарите заменик-министерката за надворешни работи Хенрика Мосчичка-Дендис.
„Нашите колеги ќе се обидат да стигнат до границата со Азербејџан“, рече таа, без да прецизира за колку луѓе станува збор.
Туркменистан, една од најзатворените земји во светот соопшти дека дозволил и транзит на околу 120 лица евакуирани од Иран преку нејзина територија, главно граѓани на земјите од Централна Азија.
Израел започна невидени напади врз Иран од петокот (13 јуни), велејќи дека има за цел да го спречи Техеран да развие нуклеарно оружје - цел што Иран негира дека ја остварува.
Во израелските напади загинаа најмалку 224 лица, а повеќе од 1000 се повредени, според официјалниот број објавен во неделата.
Според канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Иран извршил повеќекратни напади во кои од петокот загинале најмалку 24 лица во Израел.