Ајатолахот Хамнеи го одби повикот на Трамп за предавање на Иран
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи го отфрли повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за „безусловно предавање“ на Иран, додека израелските воздушни напади шести ден по ред таргетираат цели на иранска територија.
Зборувајќи јавно по втор пат откако Израел започна напади врз Иран, 86-годишниот Хамнеи рече дека мирот или војната не можат да се наметнат на Исламската република и ги предупреди Соединетите Американски Држави да се држат настрана од конфликтот.
„Иранската нација не е од оние што се предаваат“, рече тој во видеообраќање кон иранската јавност на 18 јуни.
„Американците треба да знаат дека секое воено вклучување на САД несомнено ќе резултира со непоправлива штета за нив“, вели тој во видеото.
Ваквата изјава на Хамнеи, кој според уставот на Иран го има последниот збор за сите стратешки прашања, е одговор на повикот од Трамп кој претходно рече дека иранскиот лидер засега е безбеден, но го повика Техеран „безусловно да се предаде“.
„Тој е лесна цел, но е безбеден таму. Нема да го елиминираме (убиеме!), барем не засега“, напиша Трамп.
„Нашето трпение се намалува“, додаде тој само неколку часа откако претходно повика на „вистински крај“ на смртоносните воздушни напади од двете страни – и од Иран и од Израел.
Трамп денеска (18 јуни) во разговор со новинари во Белата куќа ги отфрли сите прашања за можна вмешаност на САД во нападите врз Иран.
„Не можам да го кажам тоа“, рече тој. „Можеби ќе го направам тоа, можеби и не. Никој не знае што сакам да направам. Но, можам да кажам следново: Иран има многу проблеми и сака да преговара.“
Израел, и многу од неговите западни сојузници, вклучувајќи ги и САД, го обвинуваат Иран дека се обидува да изгради нуклеарно оружје. Техеран жестоко ги отфрла обвинувањата, велејќи дека неговата атомска програма е исклучиво за цивилни цели.
Досегашните напади оставија милиони обични Иранци потресени, а илјадници луѓе ги блокираа автопатиштата што водат од Техеран кон други градови, како и кон странство – кон Турција и Ерменија.