Кавга меѓу советници ескалира во инцидент - прекината седницата во кочанскиот совет
Без завршница денеска остана 65. седница на Советот на Општина Кочани, откако најпрвин беше побарана пауза, а потоа поради инцидент меѓу советниците и обидот за тепачка, претседателот на советот Лазо Митев информираше дека го прекинува понатамошното разгледување на точките од дневниот ред.
Физичка пресметка изби откако претходно во вербална расправија влегоа советниците Аки Акиов и координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Мирче Стојков.
Советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите, тргна вербално да се расправа со друг советник. Како што известуваат медиумите, додека се обидуваше да дојде до него, со шише вода ја погоди во глава Ана Кралева, помошник-раководител на Секторот за правни, јавни дејности и општи работи во Општина Кочани.
На инцидентот му претходеа дискусии околу повторниот предлог за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Струмица, се слушнаа дофрлања и меѓусебни навреди што беше и причина за инцидентот.
На почетокот на седницата беа прифатени предлозите во дневниот ред да се вметнат уште две точки што се однесуваат на ослободување од плаќање надоместок за гробните места во алејата на починатите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“, како и иницијатива за имплементација на обука за самозаштита во образовните институции во општината.
По предлог на в.д. градоначалникот Венко Крстевски, на оваа седница повторно се најде на разгледување договорот за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Струмица, за што тој даде кратко образложение. Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ оценија дека предлогот може да почека за да нема селективност при инспекцискиот надзор на субјектите, а при обраќањето на советникот Аки Акиов дојде до вербални навреди и прекин на седницата.
Меѓусебни обвинувања помеѓу власта и опозицијата
За инцидентот на седницата се огласија од опозициската СДСМ.
Социјалдемократите најостро го осудуваат насилството што се случи на седницата на Советот на општина Кочани.
„Ги осудуваме и провидните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, кои со провокации и намерно поттикнување тензии се обидуваат да создадат конфликти и нестабилност во Кочани. Учесници во инцидентот се советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од Ромската партија, а повредена е вработена во општинската администрација – што дополнително ја отсликува сериозноста на овој инцидент. СДСМ целосно се оградува од постапките на советникот што го предизвика денешиот инцидент, потенцираме дека не станува збор за наш член туку коалициски партнер“, се вели во партиското соопштение.
Од таму велат дека очекуваат надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да утврдат одговорност кај сите инволвирани.
„На Кочани му е потребна солидарност, стабилност и решенија, а не насилни сценарија инспирирани од политички калкулации на власта“, велат од СДСМ.
Реагираше и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од таму прашуваат дали в.д. градоначалникот Венко Крстевски и опозициската партија се нарачатели на насилство во советот.
„Заслепени од привремената власт, в.д. градоначалникот Венко Крстевски и СДСМ – изгледа дека и се режисери на агресијата и поделбите во Кочани. „Казна“ за негласање соработка со осуденик и лице на црната листа на САД, стигнува преку советник насилник кому токму тие му даваат безрезервна поддршка. Дополнително СДС шири говор на омраза и дезинформации по социјални мрежи. Бараме веднаш оставка од Венко Крстевски и јавно извинување од СДСМ за поддршката на насилство и хаос“, се вели во соопштението на владејачката партија.