Мицкоски: Демографската рецесија е алармантна, размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети
Владата размислува за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети, изјави денеска(4 јули)премиерот Христијан Мицкоски во неговото обраќање на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“.
„Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме – е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, рече Мицкоски зборувајќи за демографската рецесија во земјава за која рече дека е алармантна.
Тој нагласи дека ова не е проблем само на Македонија, туку предизвик со кој се соочуваат и држави како Германија, Италија, Бугарија, Јапонија и Јужна Кореја, каде што се раѓаат се помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.
„Во последните четири години, изгубивме повеќе од 33000 жители, како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5 процентни промили во 2010 година на само 8,8 во 2024 година“, истакна премиерот.
Тој истакна дека во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение, сè повеќе луѓе живеат сами, сè помалку стапуваат во брак, сè помалку деца се раѓаат. Додаде дека во 2024 година се родиле 16061 деца, а починале 20201 лица и напомена дека тоа е природен пад од 4140 луѓе за само една година.
Премиерот нагласи дека целта е како што рече, да се направи животот вреден, мајчинството благослов, а не товар, но и да им се дадат причини на младите да останат во земјава.
Северна Македонија имаше и Стратегија за демографска политика 2015-2024 година. И таму беа набројани семејни политики, миграциски политики и политики за активно стареење, како подрачја каде треба да се дејствува за да се подобрат демографските трендови.
Во меѓувреме, статистичките податоци покажуваат дека бројот на новородени бебиња секоја година е сѐ помал, а бројот на тие кои се иселуваат е сѐ поголем.
Од 2008 година, Владата на поранешниот премиер Никола Груевски преку серија законски измени почна да спроведува политики за зголемување на наталитетот. Неколку години во земјава, додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, имаше додаток за трето дете.
Со доаѓањето на СДСМ на власт оваа мерка беше укината, оти како што велеа, не дала резултат за да се зголеми наталитетот. Наместо тоа, беше овозможен родителски додаток за трето дете.