Филков по една година на функцијата: Остануваме посветени на реформите и владеење на правото
Во изминатите 12 месеци од Министерстото за правда до Владата биле доставени 22 системски закони, од кои 13 директно предвидени со Реформската агенда. Законите, како што истакна денеска (7 јули) министерот за правда Игор Филков, го засегаат правосудниот систем – изборот, оценувањето, платите, статусот и одговорноста на судиите и обвинителите, како и институционалните капацитети на Советите, вештачењето и службите во правосудството.
„Градиме институции што работат за граѓаните, а не за привилегираните. И ова е само почеток“, порача Филков на денешната прес-конференција по повод една година на функцијата.
Тој истакна дека по осум години во функција е ставена Комората на вештаци, дека се издаваат лиценци и дека е воспоставена нова програма за полагање на испит. Додаде дека била поништена одлука на претходната влада со која нотарската тарифа беше десеткратно зголемена.
„Во функција го ставивме системот за надомест за жртви на кривични дела со насилство согласно законот. Ја отворивме канцеларијата на комисијата која што непречено работи. Со ова воспоставивме основа за практична примена на општестевната солидарност, заштита на човековите права и борба против секундарната виктимизација“, истакна Филков.
Се пофали и со електронските алки за надзор на лица во куќен притвор и куќен затвор, кој како што потсети, биле ставени во функција по десет години.
Од осумте закони во Реформската агенда со рок до јуни 2025, седум се веќе испратени во владина процедура, од кои го истакна Законот за Судски совет, за кој нагласи дека „не се работи за декларативен пристап, туку за суштинска промена насочена кон градење транспарентен, отчетен и професионален Судски совет“.
„Министерството за правда изработи целосно нов Закон за Судски совет кој веќе е во владина процедура. Законот беше изготвен преку инклуизивен и траснпарентен процес, преку јавни дебати, експертски консултации и активно вклучување на сите релевантни чинители. Посебна потврда за ова е и позитивното мислење добиено од Венецијанската комисија„, изјави Филков, апелирајќи до пратениците на Собранието за препознавање на итноста и важноста од носењето на овој закон.
Во процедура се и законите за плати на судии, за плати на јавните обвинители и за плати на членовите на Судскиот совет и за плати на членовите на Советот на јавни обинители.
До Владата, посочи Филков, се испратени уште два многу важни закони кои не се дел од реформската агнеда, а тоа се Законот за спречување на судир на интереси и Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи.
Во подготовка се уште десет закони, меѓу кои Кривичен законик, Закон за кривична постапка, Закон за судови, Закон за пробација, Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, Закон за помилување, Законт за здруженија и фондации, како и Закон за процена и Закон за судски буџет.
Филков, исто така, нагласи дека е формиран и нов Совет за координирање на информатичко комуникациската техенологија во правосудството, кој работи на дигитализација на целокупниот систем и негово меѓусебно поврзување.