Граѓаните пријавуваат мито, игнорирање пациенти, ненавремена здравствена услуга
Барање мито, непрофесионално однесување, игнорирање пациенти, доцнење во пружање здравствена услуга. Овие се проблемите на кои се жалат македонските граѓани, инфрмираше денеска министерот за здравство, Азир Алиу.
„Триесет и девет лица поставиле прашања, ги имаат наведено и здравствените институции во кои се соочиле со проблем. За да бидеме сигурни дека она што го пријавиле е точно, имаме канцеларија која се занимава само со овие прашања. Со овие споменати институции ќе имаме состанок. Во моментов нема да обелоденам за кои здравствени институции станува збор“, рече Алиу на денешната прес-конференција.
По повод една година работа на Владата и еден месец откако тој раководи со ресорот здравство, Алиу кажа дека биле зголемени платите, дека успешно го решиле недефинираниот статус на приватните специјализанти.
„Младите лекари не се оставени сами. Стојам зад секој здравствен работник, градиме систем во кој ќе се изрази довербата. Прв пат е ажурирана позитивната листа на лекови. Во првиот месец, институцијата ја доближивме до граѓаните. Кабинетот на министерот е алатка за директна комуникација и слух. Граѓанинот има право на одговор а ние имаме обврска да реагираме“, рече тој, информирајќи и за здравствените установи кои се реконструирани или се во план да се реконструирааат.
Во врска со проблемот на кој укажаа дијабетичарите, односно дека се уште немаат достапни количини за новодијагностицирани пациенти на современата антидијабетична терапија како и информациите дека Комисијата за дијабетес ќе почне да прави ревизија на постоечката терапија, министерот вели дека се работи на решение на проблемот.
„Имав средба со нив, и денес ќе имам средба со дел од експертскиот тим и ќе излеземе со решение кое нема да биде на штета на дијабетичарите, тоа ве уверувам. Сите маки што ги имаат ми ги кажаа. Овој пристап не е само за таа група, туку и за пациентите со ретки болести и за други пациенти“, рече Алиу.
Алиу во петокот (4 јули) имаше отворен кабинет за граѓаните, на кој како што рече, слушнал и добри идеи, а некои од нив му се пожалиле дека не добиле здравствени услуги.