Пристигна нова компресивна облека за повредените во „Пулс“, обезбедена со донации
Повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе добијат нова компресивна облека, која повторно е обезбедена по пат на донации. Донираната пратка е пристигната - соопшти граѓанската иницијатива „Support Kocani“ од каде информираа дека веќе е и доставена во Општата болница во Кочани.
- Во оваа пратка се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица. Облеката беше испорачана во Македонија во понеделник навечер, а веќе денес е доставена на Општата болница во Кочани. Фактурата за оваа пратка, во износ од 283.802 денари, е целосно исплатена од страна на Support Kocani, велат од граѓанската иницијатива.
Ова е втора по ред испорака на компресивна облека што ја обезбедува иницијативата Support Kocani откако претходно обезбеди една пратка во вредност од 923.458 денари.
Вкупниот износ на двете набавки е 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра, средства обезбедени преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората.
Вкупно 45 повредени во пожарот во Кочани веќе ја завршија првата фаза од рехабилитацијата во одморалиштето на МВР на Пониква, каде добија медицинска нега и физикална терапија.
СДСМ поднесе амандман за трагедијата во Кочани
Со цел и повредените, но и семејствата на загинатите во овој пожар да добијат финансиска поддршка, опозициската СДСМ поднесе амандман во Собранието.
„Ова е еден од клучните амандмани поднесени на ребалансот на Буџетот, со цел да се предвидат 934.340.000 денари како директна помош за погодените семејства“, информираше пратеникот на СДСМ Оливер Сапсовски на комисиската расправа за ребаланс на буџетот вчера (7 јули).
Тој рече дека средствата предвидуваат еднократен надомест за загинатите и финансиска поддршка на повредените, во согласност со степенот на инвалидност. Но откако амандманот не беше прифатен, Спасовски ја обвини власта дека не покажала слух и не понудила образложение за неприфаќањето.
„Навистина не ми е јасно како е можно народните претставници овде како пратеници во законодавниот дом, за работа за којашто се најповикани, а тоа е да покажат дека институциите, секогаш и во најтешките моменти, се тука за било кој граѓанин, а посебно за една ваква трагедија, која што ја зафати државата во претходниот период и од тоа сметам дека мораше сите ние да покажеме малку поголемо чувство на одговорност“, нагласи Спасовски на прес конференција по завршување на расправата.
Стојаноска: Владата има план како да се помогне
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска сепак од собраниската говорница порача дека Владата спроведува „координирана акција за помош и има јасен план за долгорочна поддршка на повредените и семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани“.
Таа повика на воздржаност и да ѝ се дозволи на актуелната власт да ги преземе сите надлежности.
Во пожарот што се случи на 16 март годинава животот го загубија 62 лица помеѓу кои шест деца, а над 200 беа повредени.