Од утре уште повисоки температури, здравствените власти со препораки за заштита на здравјето на населението
Во периодот од 20 до 24 јули 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат и до 41°C – информираше денеска (18 јули) Министерството за здравство, повикувајќи се на најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
По тој повод, Министерството апелира да се почитуваат општите препораки за заштита на населението од високи температури.
Меѓу нив, се вбројува препораката за престој во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
-Внесувајте доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци. Носете лесна, светла облека и користете заштита за глава и очи. Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот – советуваат здравствените власти.
Во денешното соопштение се наведува дека особено чувствителни на високи температури се децата, бремените жени, старите лица и лицата со хронични заболувања.
-Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош, велат од Министерството за здравство.
Оттаму препорачуваат активностите на отворено во најтоплиот дел од денот да се одложат, а на работното место и во домот да се обезбедат микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C).
УХМР претходно информираше дека под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност.
Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени Целзиусови, на повеќе места ќе надминува 35 степени, а наместа ќе биде и над 40 степени Целзиусови - велат од Управата за хидрометеоролошки работи.