Досега пријавени околу 400 лица за превенција од пожари
Околу 400 кандидати се пријавиле на јавниот повик на Владата за ангажман на граѓани за превенција на пожарите, а рокот за пријава е продолжен за уште прет дена.
Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска (18 јули) на прес конференција изјави дека еден од основните услови е лицата кои се пријавуваат да бидат регистрирани како активни баратели на работа.
„За жал, нам ни се пријавија повеќе луѓе вклучително и кај мене лично, но и во нашите институции, лица кои не се пријавени во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа или работат на други места, но се заинтересирани да се вклучат во оваа мерка. Од овие причини овие лица не можат да се приклучат кон оваа мерка“, образложи Ангелов.
Тој појасни дека оние лица кои не се активни баратели на работа имаат време и можат да се пријават во АВСРМ и потоа да отидат во најблискиот Центар за вработување и да поднесат соодветна апликација.
Притоа лицата треба со себе да носат и лекарска потврда издадена од матичниот лекар во која се наведува дека немаат сериозни болести, кои би пречеле во извршување на работните задачи.
„Да, примањата се навистина ниски, но овие примања се како една мала награда која би им се дала за време на селекцијата на која тие би присуствувале. Нашата намера е лицата кои ќе се пријават да добијат униформа и опрема, да поминат неколкудневна обука и потоа оние кои ги исполнуваат основните услови да бидат вклучени во полесни пожари, вклучително гаснење пожар на тревни површини“, додаде Ангелов.
Можност за вработување во територијалните противпожарни единици
Според него, оние кои понатаму би се покажале како похрабри и поподготвени, би имале можност да бидат вработени во локалните територијални противпожарни единици (ТППЕ).
Од најдобрите, особено во скопскиот регион, како што рече, ќе се одберат лицата кои ќе станат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која веќе е во фаза на формирање.
Ангелов информира дека најмал интерес за оваа мерка има во Скопско, а е предвидено ангажирање на 80 лица. Во останатите градови има поголем интерес.
За мерката за ангажирање на 400 лица, пред сѐ, во создавањето на противпожарните појаси, Владата информираше на 07. јули.
Владината портпаролка, Марија Митева на прес конференција соопшти дека секој ангажиран учесник ќе добива финансиска поддршка од 24.000 денари.
Во понеделникот пак, на 14. јули пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе амандман за зголемување на буџетските средства за противпожарна заштита во износ од 500 милиони денари.
Пратеничката, Сања Лукаревска тогаш од собраниската говорница истакна дека законот предвидува да има еден пожарникар на 1.500 жители.
„Врз основа на оваа математика има двојно помалку пожарникари од законски предвидените норми. А се провлекува, исто така, и проблемот со возила и со опрема“, рече Лукаревска, додавајќи дека дел од пожарникарите работат со стари возила, некаде и од 50-тата година и со стара опрема, а не постои ниту соодветен тренинг-центар за обука на новите и старите пожарникари.
Амандманот за пожарникарите сепак не беше изгласан. Односно, како што рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска никој не гласал „против“, но и никој не гласал „за“.
„Не знам колку се во тек колегите од СДСМ, ДУИ и Левица дека веќе е во тек план за вработување на 400 пожарникари, дека е во полна кондиција сè што се однесува на опрема на оваа Влада за справување со пожарите. Факт е дека и најмалиот и најголемиот пожар, и по зафатнина и по моќност, не траел повеќе од 12 часа“, истакна Стојаноска.
ЦУК: Изгаснати 28 пожари
Во текот на последното деноноќие изгаснати се вкупно 28 пожари.
„Активен е само пожарот во село Нивичино, општина Василево, каде гори нискостеблеста шума. Добивме информација за почнат пожар меѓу селата Ракле и Никодин, Прилепско“, соопшти на денешната прес-конференција Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според неа, под контрола се ставени пожарите во општина Велес, селата Џидимирци, Крушје и Иванковци, во дојранското село Николиќ, во општина Демир Хисар и во општина Македонски Брод, меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа.
Таа информираше дека оние пожари кои се појавија вчера попладне, како резулатат на силен ветер и искрење од жици, во општините Куманово, Старо Нагоричане, на територија на Град Скопје, Струга, Демир Хисар и Битола, сите се целосно изгаснати.