Муртезани: Пристапните преговори да се заштитат од билатерални условувања
Процесот на проширување треба да остане заштитен од билатерални блокади и неопходно е воспоставување ефективни европски механизми за воведување и мониторинг на европските стандарди и експертиза, особено во доменот на историските и билатерални прашања, со цел да се обезбеди правичност и предвидливост на патот кон членството, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани на средбата во Берлин со неговиот германски колега Гинтер Крихбаум.
Според соопштението на Министерството за европски прашања, Муретезани на средбата изразил благодарност за континуираната германска поддршка, особено за принципиелниот пристап на Берлин одвојувањето на билатералните прашања од пристапниот процес, како што беше потврдено и за време на германското претседателство со Советот на ЕУ во 2020 година.
„Во фокусот на разговорите биле и прашањата поврзани со евроинтегративниот процес при што заеднички беше констатирано дека трансформативната моќ на европската интеграција може да се реализира единствено преку пристап базиран на заслуги, кој ќе овозможи јасна и опиплива перспектива за граѓаните на земјите-кандидати“, стои во соопштението на Министерството.
Според Муртезани европскиот проект не може да биде целосен без интеграцијата на Западниот Балкан и дека реформите се услов без кој не може да се напредува, но и дека Унијата мора паралелно да обезбеди сопствена институционална подготвеност за проширување.
Муртезани и Крихбаум разговарале и за актуелната Реформска агенда на Северна Македонија и за улогата на германските институции во евроинтегративниот процес преку поддршка на структурните реформи, јакнењето на владеењето на правото и доброто управување, како и преку реализација на бројни Твининг и Таекс проекти каде Германија често е водечки партнер.
Соговорниците размениле мислења за понатамошно унапредување на регионалната соработка преку Берлинскиот процес, кој претставува клучна платформа за зајакнување на добрососедството, економската интеграција и мобилноста во Западен Балкан, како и за реализација на Зелениот договор и Заедничкиот регионален пазар.
Македонските преговори за членство во ЕУ не започнаа со отворањето на кластерот фундаментални вредности, поради неисполнување на условот за уставни измени со кои бугарското малцинство треба да биде вметнето во Преамбулата.
Инаку македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.
Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав.