Повторно разгоре пожар во близина на преспанскиот Парк на природата „Езерани“
Во близина на Паркот на природата „Езерани“ покрај Преспанското Eзеро по втор пат за една недела се разгоре пожар. На терен се пет возила на противпожарните екипи кои се обидуваат да го намалат ризикот од проширување на пожарот кон селото Перово, велат од ресенската противпожарна едицина.
Жителите на селото Перово на социјалните мрежи објавуваат видеа во кои велат дека ризикот е голем пожарот да се префрли кон селото.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов изјави дека ер трактор набрзо ќе пристигне и помогне во гасењето на како што вели, и овој подметнат пожар.
„Пожарот брзо се ширеше поради ветрот кон селото Перово, но повеќе не е опасност за селото. Го гаснат пожарникари од Ресен, со поддршка од локалното население. Еден амфибија „ер трактор“ на ДЗС ја пресече линијата на огнот и им помага на силите кои гаснат од земја, да воспостават контрола врз овој тежок пожар што им се закануваше на неколку села. Наскоро ќе полета и вторит „ер трактор“, изјави Ангелов.
Пред два дена ( на 22 јули ) беше изгаснат тридневен пожар кој зафати голема површина од природниот резерват Езерани на брегот на Преспанското Eзеро.
Македонското еколошко друштво објави анализа по гасењето на пожарот посочувајќи дека штетата предизвикана во тој крај е голема врз живиот свет во паркот и нејзината проценета вредност е милиони евра.
„Пожарот кој се случи на 20 и 21 јули беше со најголем интензитет и предизвика огромни последици врз квалитетот на живот на локалното население, биолошката разновидност, како и квалитетот на водите од Езерото. Пламените јазици прогоатаа над 500 хектари површина, главно природа која треба да биде гордост во претставување на нашите природни вредности пред светот“, се вели во соопштението од Македонското еколошко друштво.
Според нив Околу 50 отсто од зафатените површини на заштитеното подрачје се шуми и овоштарници и се целосно уништени.
„Скоро половина од копнената површина на Паркот на природата „Езерани“ настрада во овој пожар, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра. „Езерани“ е прогласено за заштитено подрачје од четврта категорија според Законот за заштита на природа, во согласност со критериумите на Меѓународниот сојуз за заштита на природа (IUCN)“, се вели во нивното соопштение.
Во меѓувреме според последните објавени информации од Центарот за управување со кризи на целата територија на државата се активни уште седум други пожари, три се ставени под контрола а два се изгаснати.