33 пожари за едно деноноќие – 12 сè уште активни низ државата
Во текот на изминатите 24 часа на територијата на државата се евидентирани 33 пожари на отворен простор, од кои 12 сè уште се активни, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Пет од пожарите се ставени под контрола, додека останатите 16 се целосно изгаснати.
Најмногу активни пожари има во Прилепско, каде што гори шума кај селата Бешиште и Дрен, со проширување кон Кавадаречко и кон граничниот појас со Грција.
Активни пожари се забележани и во Берово (на планината Голем Готен), како и во Василево, Радовиш, Македонски Брод, Желино, Петровец, Зелениково, Крива Паланка, Старо Нагоричане и Куманово. Станува збор главно за шумски и нискостеблести површини, како и запалена трева, депонии и стрништа.
ЦУК информира дека под контрола се пожари во Струмичко, Штипско и во Карбинци, како и два пожари на подрачјето на Македонски Брод, во близина на селата Грешница и Латово. Огнот на овие локации не се шири, но е под внимателно следење поради ветерот и сувите услови на теренот.
Меѓу 16-те изгаснати пожари се и неколку во скопскиот регион – Сарај, Шуто Оризари и Гази Баба, каде што гореле депонии и ниска вегетација. ЦУК регистрирал и изгаснати пожари во општините Куманово, Струга, Кривогаштани, Карбинци и Теарце.