Мицкоски очекува царините од САД да паднат под 15 насто
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува американските царини за македонските производи да паднат под 15 насто, истакнувајќи дека преговорите со САД ќе продолжат во следниот период после летните одмори.
„Од она што го видовте како соопштение од страна на Кабинетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, ова е прва фаза, ова не е договор, бидејќи тој кажа дека до 1 август ќе ги објави новите царински стапки, не се ни царини, ова се трговски маржи. Преговорите продолжуваат. Во моментот се наоѓаме на една условно кажано пауза. Веднаш по годишните одмори коишто ќе ги користи и администрацијата и од Кабинетот на претседателот Трамп и канцеларијата на трговскиот претставник на САД, но и нашите луѓе во Министерството и институциите, очекуваме во втората половина на август да продолжиме со преговорите“, рече Мицкоски.
Мицкоски очекува тарифите на САД да одат уште подолу, изразувајќи благодарност кон САД што ја корегираа тарифата.
„Ние продолжуваме понатаму да преговараме и оптимист сум дека ќе одиме уште подолу“, рече Мицкоски.
Со новата извршна наредба што синоќа ја потпиша американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за речиси сите земји кои досега немаат трговски договор со САД, царинската стапка за Северна Македонија од претходните 33 е намалена на 15 проценти.
Царина од 15 отсто САД ќе имаат и со Европската Унија, со која склучија трговски договор на 27 јули. Од земјите во регионот, со царинска стапка од 15 насто ќе бидат и Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се царинат со 35, од Босна и Херцеговина со 30 насто, а најниска царина ќе има Црна Гора 10 отсто.
Трамп во април годинава, првично објави царинска стапка за македонските производи од 33 отсто. Со новата извршна наредба на американскиот претседаел, се воведуваат нови царини помеѓу 10 и 50 проценти за речиси сите трговски партнери на САД. Новите американски царини, ќе стапат во сила на 7 август, а не на 1 август, со цел да се обезбеди повеќе време за нивно спроведување спроведување на новите царини.