Приведени две лица од Косово за криумчарење мигранти од Кина
Ноќта на 31 јули македонската полиција привела две лица од Косово на возраст од 18 и 24 години поради сомнение за криумчарење мигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија.
Во возилото „фолксваген кеди“ - во кое еден од приведените косовски државјани бил возач, а другиот совозач - биле пронајдени осум мигранти од Кина.
Како што соопшти полицијата, околу 21:40 часот возилото било забележано на автопатот од Градско кон Скопје и не застанало на даден знак за стопирање од полицијата. Бегајќи, возачот од Косово удрил и ја оштетил наплатната станица на патарината кај Градско во Катланово, удрил во автомобил со странски регистрации, а оштетил и мотоцикл со македонски регистрации.
Потоа ја оштетил и рамката на патарината Петровец.
„Откако продолжил со движење, кај клучка ’Приштина‘ на обиколница кај Скопје возачот изгубил контрола и со возилото излетал од патот, по што и физички нападнал полициски службеник во обид да избега, но бил совладан и лишен од слобода“, соопшти МВР.
Двете лица од Косово биле задржани во полициска страница и против нив ќе се поднесе кривична пријава.
Мигрантите од Кина, пак, биле сместени во транзитен центар.