Иран уапси 20 лица осомничени дека шпионирале за Израел
Дваесет лица, за кои иранските власти тврдат дека се оперативци на израелската разузнавачка служба Мосад, се уапсени во Иран во последните неколку месеци.
Ова на 9 август го објавија иранските судски власти, предупредувајќи дека нема да бидат поблаги односно дека уапсените ќе бидат „казнувани за пример“.
Пред неколку дена, Иран ја погуби научничката Розбе Вади, осудена за шпионажа во корист на Израел и пренесување информации за нуклеарен научник кој беше убиен во јуни во израелските воздушни напади врз Иран, пренесе Ројтерс.
Портпаролот на судот, Асгар Џахангири, изјави дека обвиненијата против некои од 20-те уапсени се отфрлени и дека тие се ослободени.
Егзекуциите на Иранци осудени за шпионажа во корист на Израел значително се зголемија од јуни оваа година, кога двете земји влегоа во војна.
Нов конфликт на Блискиот Исток избувна кога Израел започна напад врз Иран на 13 јуни, погодувајќи повеќе локации, меѓу кои нуклеарен објект и станбени области во Техеран. Тогаш загинаа голем број високи команданти на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), нуклеарни научници и цивили.
Иран возврати со лансирање беспилотни летала и балистички ракети врз воени центри и воздухопловни бази во Израел.
Соединетите Американски Држави, пак, влегоа во конфликтот на 22 јуни, кога претседателот Доналд Трамп изјави дека американските бомбардери нападнале три ирански нуклеарни објекти.
По 12 дена, беше прогласен прекин на огнот.