Сомнежи за пропусти со лиценците на стоматолозите, Комората остана без овластувања
Министерството за здравство привремено ги одзеде овластувањата на Стоматолошката комора на Македонија поради утврдени пропусти во однос на едукацијата, издавањето и продолжувањето на лиценците на стоматолозите.
Оваа одлука денеска (9 август) на прес-конференција ја соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Стоматолошката комора е тело кое со издавање и продолжување на лиценците практично одлучува кој стоматолог може да работи, а кој не.
Со одземањето на овластувањата, како што соопшти Алиу, од денеска надлежностите за лиценцирање ќе ги преземе Министерството за здравство сè додека не се воспостави „систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално“.
„Надзорите и документите покажаа сериозни пропусти. Едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците. Договори склучени ретроактивно, спротивно на законот, одлуки и документи без потпис и со невалидна документација“, рече Алиу образложувајќи ја одлуката за одземање на овластувањата.
Покрај тоа, министерот наведе и оти Стоматолошката комора ги игнорирала привремените мерки и одлуката на Уставниот суд кој пред повеќе од една година утврди дека условите за стручно усовршување биле противзаконски.
Алиу немаше информации колку лиценци се издадени незаконски односно со пропусти, но рече дека сега не може да се каже дека „тие се невалидни“.
Покрај сомнежите за лиценци, Стоматолошката комора се „чешла“ и од аспект на финансиското работење.
„Имаме сериозни сомнежи и за финансиски злоупотреби на Комората за што истражува Финансиската полиција и таа има прибавено обемна документација за што веруваме дека за брзо време ќе има и епилог“, додаде министерот.
На Стоматолошката комора, според неговите тврдења, ѝ била дадена шанса да ги отстрани недостатоците, но не го сторила тоа и затоа е донесена одлука за одземање на овластувањата.