МВР ќе го разреши началникот за претресот кај директорката на училиштето во Демир Хисар
Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе биде разрешен полицискиот началник во Демир Хисар поради непрофесионално однесување во случајот со претресот во домот на директорка на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар.
Станува збор за настан што предизвика лавина реакции во јавноста откако на социјалните мрежи се појави видео од претресот. Од видеото може да се забележи дека во домот на директорката присутна е и екипа на Брзата помош поради нејзината здравствена состојба додека началникот инсистира таа да дојде на информативен разговор во полицијата.
„По извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, Одделот за внатрешна контрола констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар. За лицето е покрената дисциплинска постапка. Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата“, соопштија од МВР додавајќи дека осудуваат секаков облик на насилство, незаконско и непрофесионално постапување.
За овој случај од Јавно обвинителство вчера (9 август) информираа дека полицијата барала да се издаде наредба за претрес на три локации – едната од нив била домот на директорката на училиште во Демир Хисар, додека другите две локации биле службените простории на училиштето и автомобилот на директорката.
Причините поради кои се барал претресот биле сомнежи за кривично дело „фалсификување и уништување деловни книги“.
Судот потоа го одобрил барањето за претрес. Меѓутоа, потенцираше обвинителството, не била издадена и наредба за распит на лице во овој случај.
„Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, информираше Обвинителство.
Случајот предизвика и реакции од опозицијата. СДСМ обвини дека полицијата се злоупотребува за партиски цели, а по полицискиот началник го нарекоа „ударна тупаница на ВМРО-ДПМНЕ за заплашување на граѓаните и малтретирање пред избори“ алудирајќи на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври.